Во согласност со Законот за трговските друштва содружниците во ДОО и ДООЕЛ имаат право да располагаат со сопствените уделите под условите кои што се утврдени во Актот за основање на друштвото (Договорот за друштвото во случај на ДОО односно со Изјавата за основање на друштвото во случај на ДООЕЛ).
Со Актот за основање на друштвото се предвидува и определува начинот и постапката за пренесување на Уделите во друштвото. Содружникот на друштвото може да одлучи да го пренесе/продаде својот удел, во целост или само дел од уделот.
За преносот на Уделот се составува Договор за пренос на удел кој треба да биде заверен кај нотар. Договорот за пренос на удели може да се склучи со плаќање на одреден надомест или уделот да се отстапи без надомест. При тоа, секој пренос на удел мора да се врши на начин и според условите што се во согласност со ЗТД и со Актот за основање на друштвото, во спротивно преносот е ништовен.
Содружникот на друштвото има право и може да го заложи својот удел според услови определени со Актот на друштвото.
Содружниците во друштвото кои што должат по основ на неплатени даноци, царини и придонеси не можат да купуваат, ниту да вршат пренос на удели како во своето така во други трговски друштва.
При потпишување на договорот за пренос на удели кај надлежен нотарот се приложуваат: Потврда од Царинската управа дека основачот нема доспеан, а неплатен долг по основ на царина и други увозни давачки во редовна царинска постапка и во постапка на дополнителна пресметка на царински давачки, како и Уверение за платени даноци и придонеси издадено од Управата за приходи.
Со уделот може да се располага и пренесе на трето лице само во случај ако содружникот во потполност го уплатил својот влог.
Другите содружници и лице кое што е определено од друштвото има правото на првенствено купување на уделот. Содружниците или лицето определено од друштвото имаат рок да се изјаснат во рок од 30 дена од пријавувањето на намерата за пренос на уделот и доколку не се изјаснат или ја одбијат понудата содружникот е слободен во остварувањето на правото на пренос на својот удел, ако со договорот за друштвото не се определени посебни услови.
Преносот на удел со наследување не може да се ограничи. Во случај, ако содружникот почине, законскиот застапник на неговата оставина ќе ги остварува сите права и ќе ги презема сите обврски кои произлегуваат од содружничкиот однос, вклучувајќи ги и сите други права и обврски кои, според договорот за друштвото ги остварувал, односно ги презел починатиот содружник.
Во случај на пренесување удел, правата и обврските од содружничкиот однос на содружникот преминуваат врз лицето кое што го стекнало уделот. Спрема лицето коешто го стекнало уделот, што се однесува до односите во друштвото, важат и сите правни дејствија што биле преземени спрема содружникот, како и правните дејствија што тој ги презел пред да му биде пријавен на друштвото преносот на уделот во книгата на удели.
Лицето кое што стекнало удел е должно да му поднесе на друштвото пријава за промена на сопственоста над уделот заради упис во книгата на уделите. Пријавата содржи изјава од лицето коешто го стекнало уделот дека се согласува да биде содружник во друштвото, и дека целосно и безусловно ги прифаќа одредбите на договорот за друштвото.
Управителот на друштвото е должен да поднесе пријава за упис на промената до Централниот регистар, а документи ги спрема и поднесува овластен регистрационен агент онлајн до Централниот регистар со валидно полномошно.
За било какви прашања обратете ни се на: 075/638- 607 или на info@registrant.mk